Мицевски: Вардар не освои среќен бод, заслуживме и победа според играта во Струга

Вардар успеа да извлечи бод од гостувањето во Струга во 11. коло од домашниот шампионат благодарение на голот во последните секунди од средбата на кој му „кумуваше“ и катастрофалната реакција на домашниот голман.

Сепак, капитенот на црвено-црните, Дарко Мицевски, смета дека Вардар заслужил дури и победа од вчерашниот натпревар затоа што бил подобар противник на теренот.

„Мислам дека според прикажаната игра, посебно во второто полувреме кога целосно доминиравме, можеше да заминеме и со целиот плен, а не со бод кој го освоивме со гол во последниот напад. Според мене, ние игравме подобро, ја имавме топката во своите нозе, но домаќините од две полушанси ни дадоа два голови. Во тимот на Вардар забележливо е неискуството, а тоа за сега скапо не чини. Сепак, нешто што треба да се истакне карактерот кој несомнено го поседуваме“ – ни изјави капитенот на Вардар, Дарко Мицевски, по вчерашниот дуел.

Како и да е, „вардарци“ ги очекува долга битка за опстанок сезонава посебно и поради се поизвесната неизвесност која го очекува клубот по крајот на годината кога го чека нова организациска трансформација.

Се вчитува...