МКФ казнува: Суспензии за 11 од 12-те прволигаши!

Нова кошаркарска фарса е на повидок откако Комесарот за натпреварување Владимир Цветковски суспендираше дури единаесет од вкупно 12-те екипи кои се дел од елитното македонско кошаркарско друштво. За дел од нив ова е очекуван расплен на настаните, дел со изненадување ја примија оваа одлука, а единствениот кој ги има подмирено сите обврски кон МКФ е новиот прволигаш Блокотехна, кој во текот на денешниот ден не добил „честитка“ од македонската куќа на кошарката.

Ваквата одлука на Цветковски е иницирана од страна на претседателот Наумоски и членовите на Управниот Одбор, кои сакаат на ваков начин да извршат притисок врз клубовите за да ги наплатат парите што им се должат. Имено, користејќи ја околноста дека е период на пауза поради репрезентативен настап, МКФ им дава на клубовите рок од една седмица за да ги подмират обврските за да можат да продолжат со натпреварувањето.

Во спротивно, тие не би можеле да го одиграат својот натпревар од 17. коло, а неодигрувањето на две средби би значело и преселба во понизок ранг на натпреварување.

Како што дознава ЕКИПА, вкупните долгови од клубовите кон МКФ ја надминуваат границата од три милиони денари, а истите се однесуваат на средства на име котизација, казни или пак пари што треба да се платат за лиценца за странските засилувања.

Се вчитува...