Младеновски: Го респектираме Гостивар, но одиме на три бода утре во Струмица

Шкупи утре од 13 часот во 16. коло од Првата македонска фудбалска лига и гостува на екипата на Гостивар. Натпреварот ќе се одигра во Струмица, на стадионот „Младост“, бидејќи стадионот во Гостивар не е во добра состојба поради врнежите од снег.

Дефанзивецот на чаирчани, Марио Младеновски, кој со единствениот гол на последниот меч му донесе три бода на Шкупи против Македонија ЃП, верува дека повторно ќе се дојде до триумф во трката за првата позиција на табелата.

„Поминавме низ тежок предизвик против Македонија ЃП, натпревар на кој постигнав гол и добивме три многу важни бода. До крајот на сезоната не очекуваат три многу важни натпревари. Првиот дуел од нив е оној утре против Гостивар, кого го респектираме како противник бидејќи има квалитетен тим, но одиме да освоиме три бода и да останеме на врвот на табелата“ – вели Младеновски.

Натпреварот меѓу Гостивар и Шкупи ќе го суди Стојанче Трпчевски од Кавадарци.

Се вчитува...