Младите „металурзи“ ја декласираа Војводина

Одлично издание и важна победа за Металург на стартот од пролетниот дел од сезоната во регионалната СЕХА лига. Во првиот натпревар по зимската пауза „металурзи“ на домашен терен ја победија Војводина со 30-26 . За македонскиот вицешампион ова е петта победа во 13.одиграни натпревари сезонава во регионалното натпреварување. Но, триумфот на Металург има дополнителна тежина со оглед на фактот дека на полусезоната тимот остана без четворица ракометари и сега товарот е главно на младите сили во составот.  А, на овој меч, во составот на „металурзи“ поради повреда на зглобот го немаше ни пикерот Жарко Пешевски. Тренерот Александар Јовиќ во најават пред натпреварот рече дека верува во потенцијалот на младите ракометари на Металург, а тие денеска покажаа дека ја заслужуваат довербата одигрувајќи го можеби и најдобриот натпревар сезонава, посебно во првото полувреме.

Младите „металурзи“ добро го отворија натпреварот , демонстрираа сигурност и по првите осум минути веќе имаа водство од 7-2. Офанзивата на Металург го изненади противникот, а Касим Каменица се потешко наоѓаше решение како да ги сопре шутерски расположените млади сили на домаќинот. На десет минути пред крај на првиот дел, Металург стигна и до двоцифрена предност поведувајќи со 15-5 со погодокот на Анте Токиќ. И не застанаа ни во наредните минути. Со сигурната и пред се рационална игра во нападот, „сините“ компетно ја надиграа Војводина и ја зголемуваа позитивата до највисоки +13 (21-8), а на одмор заминаа со предност од 21-9.

Мартин Томовски кој по заминувањето на Дарко Арсиќ остана прв избор на голот, првото полувреме го заврши со девет одбрани и беше еден од најзаслужните за убедливото водство на Металург заедно со Халил Јагањац и Мартин Серафимов кои погодуваа без грешка од бековските позиции.

Во второто полувреме, гостите од Нови Сад беа за нијанса поефикасни, но Металург успешно се држеше на 9-10 гола разлика до последната четвртина од мечот. Малото опуштање кај „металурзи“ им овозможи на ракометарите на Војводина во финишот да ја намалат негативата и да избегнат катастрофален пораз. На седум минути пред крај, гостите постигнаа три гола во серија и успеаја да ја намалат негативата на  28-22, а Јовиќ очекувано реагираше со тајм-аут  и се обиде да ги врати своите ракометари повторно во оној ритам што го имаа во поголемиот дел од овој ннатпревар. Во финишот на мечот гостите дојдоа на 30-26, но далеку беа од шанса да го загрозат триумфот на Металург.

Халил Јагањац беше најефикасен во составот на Металург со осум погодоци, а по три гола запишаа Филип Кузмановски, Мартин Серафимов и Вања Илиќ. Мартин Томовски запиша девет одбрани во првото, а Никола Даниловски имаше три одбрани во второто полувреме. Кај Војводина по четири гола постигнаа Лука Радовиќ и Божидар Надовеза.

Во следното коло во СЕХА лигата, Металург на 13 февруари му гостува на ППД Загреб.

Се вчитува...