Модриќ има на маса 50 милиони евра, дали ќе ги прифати?

Опцијата за заминување на Лука Модриќ од Реал Мадрид повторно е актуелна тема во шпанските медиуми откако хрватскиот ас добил фантастична понуда од Саудиска Арабија.

Хрватот кој во септември ќе наполни 38 години, може да заработи огромни 50 милиони евра доколку ја прифати понудата што ја има на маса, за двогодишен договор во вредност од 25 милиони евра по сезона. Саудијците не ја кријат желбата да привлечат нови „ѕвезди“ откако им успеа да го доведат Кристијано Роналдо, а Хрватот се наоѓа високо на нивната листа со желби. Мадридскиот весник „Ас“ обелодени дека агентот на Модриќ ја примил официјалната понуда од клубот чие име засега се чува во тајност, но и дека Лука се уште тактизира со одговорот на истата.

Модриќ никогаш не криеше дека приоритет му е Реал Мадрид и дека сака да остане меѓу „кралевите“ до крајот на кариерата. Тој од друга страна е разочаран што клубот ги продолжи договорите со Тони Крос и со Карим Бензема, додека Модриќ се уште нема добиено никаква официјална понуда за продолжување на соработката, што истекува за помалку од два месеци. Иако од таборот на Реал има најави дека Модриќ ќе добие понуда за нов договор, Хрватот смета дека не заслужил таков однос од клубот со кој освои буквално се што можеше да биде освоено.

Едно е сигурно, понудата на Реал ќе биде далеку, далеку пониска од онаа од Саудиска Арабија, па останува да се види што ќе реши Модриќ, дали ќе го следи Роналдо на пат кон Саудиска Арабија или ќе остане лојален до крај на најтрофејниот европски клуб.

Се вчитува...