Модриќ запишува нова историја за Реал, прескокнувајќи го Кристијано Роналдо

Хрватскиот репрезентативец Лука Модриќ ако одигра само една минута на денешното гостување на Реал Мадрид против Мајорка од 14 часот во дуелот од 20. коло од Ла Лига ќе испише нов историски момент за најголемиот фубалски клуб во светот.

Модриќ со денешниот настап би дошол до бројката од 439 настапи за Реал Мадрид со што би го прескокнал Роналдо, со кого во моментов го дели 19. место на вечната листа на „кралскиот клуб“.

Интересно, само тројца странци во историјата на Реал имаат повеќе настапи од Модриќ, а тоа се Бензема (607), Марсело (546) и Роберто Карлос (527).

Модриќ наскоро би можел да дојде и до својот 22. трофеј како играч на Реал, на Светското клупско првенство кое се игра во моментов. Пред хрватскиот фудбалер, во тој случај, би останале само тројца играчи, а тоа се Марсело (25 трофеи), Паоло Генто (23) и Карим Бензема кој во Мароко сега може да дојде до 23-от свој трофеј со „кралевите“.

Се вчитува...