Моќна победа на Арсенал, Лестер губи здив во трката за ЛШ

Арсенал лесно и убедливо славеше над Норвич со 4-0, со што „топчиите“ за првпат успеаја да врзат три победи под водство на Микел Артета (две во Премиер-лигата, една во ФА Купот). Во главна улога беше Пјер Емерик Обамејанг, кој постигна два и асистираше при еден погодок на лондонскиот клуб, кога Џака зголеми на 2-0. Конечните 4-0 ги постави Седрик, кој постигна погодок на своето деби во дресот на „топчиите“.

За разлика од Арсенал, фудбалерите на Лестер се уште делуваат заспано по паузата поради коронавирусот. По двете реми во низа, „лисиците“ овојпат загубија со 2-1 на гостувањето против Евертон, со што сериозно си го компликуваат животот во трката за место во Лигата на Шампионите. Ричарлисон и Сигурдсон (од пенал) му донесоа рано водство на Евертон од 2-0, а се што успеаја да направат избраниците на Брендан Роџерс беше ублажување на поразот со голот на Ихеаначо. Лестер по поразот останува на третото место, но сега има само три бода помалку од Манчестер Јунајтед и Вулверхемптон, кои се на делба на петтата и шестата позиција на табелата.

Борнмут уште повеќе си ја искомпликува судбината во битката за опстанок откако вечерва загуби на домашен терен од Њукасл со 1-4. Гејл, Лонгстаф, Алмирон и Лазаро беа стрелци за Њукасл, а домаќините успеаја само да го ублажат поразот со својот прв гол по паузата, дело на Гослинг во 93. минута од натпреварот.

Се вчитува...