Молк во Брест: Белорусите му се поклонија на Вардар

ЕКИПА во Брест,

Катерина Павлова Николовска

Вардар ќе игра ново финале во СЕХА-лигата откако македонскиот шампион славеше во вечерашното полуфинале против Брест Мешков со резултат 25-23. Дејан Милосављев бранеше фантастично, одбраната функционираше беспрекорно, па „вардарци“ сосема заслужено се најдоа во големото финале, надминувајќи го и чудниот судиски критериум со кој Белорусите се вратија во мечот, но на крајот мораа да му честитаат на поквалитетниот противник. Ривал на „вардарци“ во утрешното големо финале ќе биде Загреб, тимот што пред само неколку дена го елиминираа во осминафиналето од Лигата на шампионите.

Двете екипи тргнаа со сигурни реализации во нападот, Стоилов делуваше незапирливо, но штом Пешиќ одбрани неколку удари Брест Мешков стигна и до првото водство од 6-5. При овој резултат Дисингер одигра значајна улога изнудувајќи пробивање во ситуација кога Вардар имаше играч помалку на теренот, за потоа во ритам да влезе Дејан Милосављев. Српскиот голман на „вардарци“ одбрани неколку чисти шутеви на белоруските ракометари, а македонскиот првак знаеше како да го искористи тоа и поведе со 9-6.  По долгите осум минути без постигнат погодок Брест конечно погоди преку Кулак, но Вардар веќе влезе во фуриозен ритам, па со двата гола на Криштопанс во последната минута на одмор замина со предност од убедливи 14-10.

Второто полувреме донесе и многу поцврста игра во одбраната на домаќините, што придонесе „вардарци“ во првите пет минути да не постигнат ниту еден гол, а нивната предност да се преполови. Чудниот судиски критериум им овозможи на ракометарите на Брест да продолжат со уште пожесток интензитет, па Брест Мешков направи пресврт и на половина од второто полувреме поведе со 19-18 со голот на Ѓорѓиќ. Парондо зеде тајмаут во вистински момент, Вардар си ја врати сигурноста, а потоа искусно ја искористи предноста од играч повеќе откако Шумак доби директен црвен картон за стартот врз Карачиќ.

„Црвено-црните“ постигнаа два гола и поведоа со 23-21, a Криштопанс не искористи напад за „плус три“. Домаќините намалија, но Стоилов постигна уште еден многу значаен гол. Одбраната го доби овој натпревар за „вардарци“, на чело со феноменалниот Милосављев, кој ги запре последните налети на Белорусите за заслужена победа од 25-23.

Милосављев бранеше одлично и го заврши мечот со 15 интервенции, а во нападот феноменален беше капитенот Стоилов со седум гола од исто толку обиди, Криштопанс постигна пет, а Карачиќ и Чупиќ по три погодоци.

Се вчитува...