Молк во Шведска: Франција е во мундијалското финале

Франција е репрезентацијата што ќе ја предизвика Данска во големото финале на СП 2023 откако „триколорите“ со доминантно издание славеа над ко-домаќинот Шведска со резултат 31-26. Швеѓаните беа бодрени од својата публика во преполната арена во Стокхолм, но без помошта на повредениот Готфридсон не можеа да го претворат домашниот терен во триумф над големиот ривал. За Франција оваа победа беше слатка одмазда за последните два порази од денешниот ривал, во полуфиналињата на ЕП 2022 и на Олимписките Игри во Токио.

Уште од самиот почеток беше јасно дека Франција е репрезентацијата што ќе го контролира мечот. Шведска имаше само едно водство на мечот, од 2-3, по што следеа четири гола во серија на „триколорите“ и нивна целосна контрола над резултатот. Домаќините само за момент намалија на 9-8 и 10-9, но француските ракометари подобро го финишираа полувремето и на одмор заминаа со водство од 16-12. И вториот дел мина во слична слика на теренот, Франција во неколку ситуации стигнуваше до „плус пет“, Шведска намалуваше до два гола разлика, но „триколорите“ на крајот заслужено се радуваа на победата, изразена со конечни 31-26.

Фабрегас беше најефикасниот во победничкиот тим со шест погодоци, пред Мем и Мае со по пет, додека прв стрелец на Шведска беше Јохансон со пет погодоци.

Се вчитува...