Монако е во финалето, нокаутиран и вториот грчки гигант

Првиот ден од фајналфор турнирот на Евролигата во Абу Даби донесе изненадувачки расплет, откако Монако се придружи на Фенербахче на листата на финалисти за големиот трофеј. Неколку часа откако Панатинаикос беше симнат од европскиот трон, неочекуван пораз претрпе и вториот грчки гигант Олимпијакос, кој беше поразен од Монако. Триумфот на „кнезовите“ е апсолутно заслужен, Василис Спанулис тактички маестрално го надмудри Барцокас, предводејќи го својот тим до огромна победа од 78-68 и прво евролигашко финале во клупската историја.

Првата четвртина заврши 17-17, но Монако потоа презеде контрола над темпото на игра и резултатот. Диало беше незапирлив од крилната позиција, Мајк Џејмс одигра како вистински лидер, а на ниво беше и одбраната, целосно неутрализирајќи го главното оружје на грчкиот тим, Саша Везенков по 24 меча не погоди ниту една тројка (0/6) завршувајќи го мечот со скромни седум поени. Предноста неколку пати одеше над 10 поени, Олимпијакос преку Фурние успеваше да се доближи, но Монако имаше одговор кога беше најважно, заслужено стигнувајќи до билетот за финалето.

Диало со 22 поени беше прв стрелец на Монако во овој триумф, а Мајк Џејмс одигра маестрално тимски, постигнувајќи 17 поени, надополнети со 7 скока и 7 асистенции. Фурние со 31 поен беше единствениот расположен во нападот на Олимпијакос, премалку за да се стигне до посакуваниот исход, па Олимпијакос наместо за трофејот, в недела ќе се бори само за третото место против вечниот грчки ривал Панатинаикос.

Се вчитува...