Монпелје го наследи Вардар на тронот на ЛШ

ЕКИПА во Келн, 

Симон Котларов

Монпелје е новиот европски првак, откако овој тим во француското финале го совлада Нант на нашиот Кире Лазаров со резултат 32-27. Финалето беше израмнето се до последните 10 минути, кога ракометарите на Монпелје го скршија отпорот на Лазаров и соиграчите, стигнувајќи до тронот на кој во изминатата година се наоѓаше Вардар. Македонскиот капитен за жал не успеа да стигне до својата втора европска круна во кариерата, иако одигра одличен меч и повторно беше меѓу најдобрите поединци во таборот на Нант. Монпелје испиша историја станувајќи прв тим што се искачува на тронот на Европа откако во групната фаза играше во последните групи Ц и Д, на патот до врвот победувајќи ги и двата македонски претставници, Металург и Вардар.

Нант нешто подобро го отвори натпреварот и со првиот гол на Лазаров од пенал поведе со 5-3, но потоа на сцена стапи Жерар. Голманот на Монпелје блесна со неколку одбранети зицери и им даде крилја на соиграчите, па „белите“ направија пресврт и поведоа со 6-5. Нант се повеќе се мачеше во нападот, а по неколкуте грешки на Гурбиндо противникот поведе со 10-7. Жерар веќе во 18. Минута имаше осум успешни интервенции, а тренерот Анти тогаш го внесе во игра Лазаров. Македонскиот капитен набрзина постигна два погодоци и ја врати самодовербата во нападот на Нант, но Думулан немаше свој ден како против ПСЖ, па Монпелје рутински ја одржуваше предноста и на одмор замина со водство од 16-13.

Вториот дел почна фуриозно за Нант, одбраната функционираше беспрекорно, па Еспен Ли Хансен со три гола во низа во 35. минута израмни на 16-16. Монпелје одговори со цврста одбрана, па при резултат 19-17 Портнер му го одбрани и вториот седмерец на Лазаров. При водство на противникот од 21-18 тренерот на Нант побара тајмаут, а по минутата одмор го прекомандува македонскиот ас на среден бек, уфрлајќи го Гурбиндо на десната страна. Ова се покажа како вистински потег, набрзина следеа две асистенции и еден гол на Лазаров, а Нант се врати во игра. Думулан одбрани зицер при резултат 24-22, веднаш следеше гол од полуконтра на Лазаров, па во последните десет минути се влезе со минимална предност на Монпелје од 24-23.

Гурбиндо беше прецизен од седум метри за израмнување на 24-24, но следеше нова серија од три гола на Монпелје, за убедливи 27-24 на шест и пол минути до крајот. Ракометарите на Нант се почесто грешеа, па Симоне од контранапад зголеми на 28-24, а Аргентинецот беше прецизен и во следниот напад за водство од 29-24, со што ги разреши дилемите околу победникот на ова финале, кое заврши со конечни 32-27.

Кире Лазаров со шест гола беше најефикасен во таборот на Нант, Гурбиндо постигна пет, додека кај Монпелје најдобри поединци беа голманот Жерар, потоа пивотот Фабрегас со шест погодоци, а Симоне, Ричардсон и Кавтичник постигнаа по четири гола во оваа финална пресметка.

Се вчитува...