Монтела е „мачка со девет животи“, ќе го „преживее“ и Јувентус

Дуелот против Јувентус беше најавуван како „да се биде или не за Винченцо Монтела на клупата на Милан“, па логично беше да се очекува по најновиот пораз на дерби дуелите овој стратег да добие отказ. Сепак, последните информации од Италија говорат дека Монтела ќе го „преживее“ и овој неуспех, откако раководството на клубот му изразило поддршка, давајќи му нова шанса да го разбуди тимот што во првите единаесет кола има дури пет порази (во последните шест кола има скор од една победа, едно реми и четири порази).

Како што јавуваат неколку италијански релевантни медиуми (Кориере дело спорт, Спортмедиасет и Скај Италија), веднаш по поразот Монтела се сретнал со претедателот Марко Фасоне и со спортскиот директор Масимилијано Мирабели. Иако очекувано било исходот на таа средба да биде разделба, по двочасовни разговори челниците на „росонерите“ решиле да не прават тренерска смена.

Според нив, распоредот кој следи може да му овозможи на Монтела да влезе во позитивен ритам (Наполи е единствениот исклучително тежок ривал, меѓу пресметките со Сасуоло, Торино, Беневенто, Болоња и Верона), но останува да се види дали стратегот ќе ја оправда довербата или ќе следи нов „кикс“.

Според италијанските медиуми, доколку Монтела добие отказ, главен фаворит за негов наследник е Пауло Соуса, пред Валтер Мацаро и Џенаро Гатузо.

Се вчитува...