Мораеш е желба на Веспрем и на ПСЖ!

Стартуваше паузата во Лигата на шампионите до февруари 2019, а во меѓувреме почнаа да се појавуваат и се повеќе информации околу трансфери за наредната натпреварувачка сезона. Вардар се наоѓа во крајно нестабилна ситуација на финаниски план, што придонесува дел од клучните играчи на „црвено-црните“ да се најдат на листата со желби на европските гиганти. Како што веќе информиравме, Вуко Борозан е желба број 1 на Барселона, а близу до заминување од Скопје е и Рожерио Мораеш, кој се побрзува со преселба во таборот на Веспрем и на францускиот првак ПСЖ.

Бразилецот пристигна во Вардар како „анонимус“ од Кил, откако претходно не добиваше шанса да се докаже во таборот на германскиот ракометен гигант. Раул Гонзалес го извлече најдоброто од Мораеш во дресот на Вардар, па сега шпанскиот стратег сака да го доведе бразилскиот пивот и во таборот на ПСЖ. Проблем е што понудата на „светците“ е пониска во однос на онаа на Веспрем, па многу поголеми се шансите Мораеш кариерата да ја продолжи во Унгарија, отколку во „градот на светлината“ во Франција.

Мораеш моментно е повреден и неговото враќање на терените се очекува по Мундијалот во Данска и во Германија. Сепак, не се исклучува можноста во меѓувреме тој да потпише и преддоговор со својот нов клуб, како што тоа во текот на минатата зима го сторија голем број „вардарци“ предводени од голманот Штербик, но и од тренерот Раул Гонзалес.

Се вчитува...