Директорот на Ролан Гарос, Амели Морезмо, потврди дека руските и белоруските тенисери ќе можат да играат на вториот Грен слем турнир во сезоната. Покрај тоа, таа најави дека ќе има санкции против играчите кои ќе дадат било каква изјава за поддршка на рускиот претседател Владимир Путин.
Прашањето за учество на руски и белоруски спортисти на натпревари стана глобална тема од почетокот на конфликтите во Украина. Тенисот е всушност еден од ретките спортови во кои Русите и Белорусите сè уште можат да се натпреваруваат индивидуално.
Вимблдон е првиот турнир кој забрани учество на руски и белоруски тенисери, а после тоа се постави прашањето каква одлука ќе донесе Ронал Гарос. Беше најавено дека Отвореното првенство на Франција ќе го следи примерот на Вимблдон, но денес е потврдено дека тоа нема да биде така.
„Многу е комплицирано, и ми се чини дека беше невозможно да се донесе правична одлука. Ние се држиме до она што европските, па дури и светските влади го решија во март. На руските и на белоруските тимови им е забрането да се натпреваруваат, но не и на поединечни спортисти се додека се однесуваат неутрално. И ние строго ќе се придржуваме до тоа. Ако некој од нив даде изјави во медиумите кои се толкуваат како поддршка за Владимир Путин, сигурно ќе има санкција“, заклучи првиот човек на Ролан Гарос.
За потсетување, вториот Грен слем турнир во сезоната започнува на 22 мај.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА