Може ли Лукаку да заврши во Јувентус… Челси го откачи Интер

Ромелу Лукаку не крие дека сака да се врати во Интер, но голем проблем за исполнување на желбата претставува неможноста на „нероаѕурите“ да се договорат со Челси околу трансферот на лондонскиот клуб. „Сините“ јасно ставија до знаење дека нова позајмица не доаѓа во предвид, па „нероаѕурите“ по двете одбиени вакви понуди беа принудени на трет обид.

Откако беше договорена продажбата на Онана во Манчестер јунајтед се веруваше дека Интер ќе има средства за да го доведе Лукаку, но понудата на италијанскиот гигант била „смешна“ за Челси, вкупно 30 милиони евра од кои помалку од 25 милиони биле загарантирани со самиот потпис. Лондонскиот клуб бил разочаран од текот на преговорите најавувајќи дека воопшто нема намера за нова рунда и дека Интер ако сака да го доведе Лукаку, ќе мора да понуди загарантирани 35 милиони евра.

„Нероаѕурите“ се уште тактизираат, но целата ситуација може да ја искористи Јувентус. „Црно-белите“ под водство на новиот директор Џунтоли допрва ќе ги повлечат првите конкретни потези на пазарот. Се очекува Влаховиќ да биде продаден, еден од заинтересираните клубови е токму Челси. Планот на Јуве е со парите од српскиот напаѓач да биде доведена соодветна замена, Лукаку важи за одлична опција со оглед на цената на пазарот, а со остатокот од сумата да биде комплетиран трансферот на Сергеј Милинковиќ Савиќ.

Се вчитува...