Може ли Севилја да го запре налетот на Баерн Минхен?

Баерн Минхен и Севилја вечерва (21 часот) ќе ги одмерат силите во Будимпешта, во битка за освојување на Супер-купот на УЕФА во кој и двата тима немаат добри искуства од минатото. Баерн како нов европски првак е голем фаворит и на овој меч, со оглед на извонредната форма на баварскиот гигант и импресивниот старт со победа од 8-0 над Шалке на стартот од новата бундеслигашка сезона.

Сепак, Севилја важи за тим што секогаш е исклучително тежок ривал кога против себе има тим од „првиот ешалон“ на европскиот фудбал. Впрочем, избраниците на Лопетеги ги совладаа Манчестер Јунајтед и Интер на патот до трофејот во Лигата на Европа, а сега дефинитивно нема да се предадат без борба и против Баерн Минхен.

Традицијата вели дека Баерн Минхен триумфирал само еднаш на четирите натпревари од Супер-купот на Европа, оној последен дуел против Челси во 2012 година. Претходно, баварскиот гигант загуби од Ливерпул во 2001, од Андерлехт во 1976 и од Динамо Киев во 1975 година. Севилја досега играла пет вакви натпревари од кои го добила само првиот, во 2005 година против Барселона, по што следеа порази од Милан, Барса и двапати од Реал Мадрид.

Што се однесува до составите, кај Баерн ќе недостига стрелецот на голот од финалето во ЛШ, Кингсли Коман, но неговото место ќе го заземе Лирој Сане. Кај Севилја нема преголемо промени во составот, освен доаѓањето на големото засилување Иван Ракитиќ од Барселона.

НАЈАВЕНИ ТИМОВИ

Баерн: Нојер, Хернандез, Боатенг, Алаба, Дејвис, Кимих, Горецка, Милер, Сане, Гнабри, Левандовски.

Севилја: Буну, Навас, Кунде, Диего Карлос, Ескудеро, Фернандо, Ракитиќ, Џордан, Сусо, Окампос, Де Јонг.

Се вчитува...