Муамед Сејдини: Да даде Господ државата да функционира како што функционира репрезентацијата

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини во интервјуто за ТВ 24, уште еднаш потенцираше дека е исклучително горд на успехот кој го реализираше македонската фудбалска репрезентација со пласманот на Европското првенство следната година.

Сејдини повторно, како и веднаш по историскиот дуел во Тбилиси, потенцираше дека е посебно горд на заедништвото кое го отсликува оваа репрезентација без разлика на вера и нација.

„Бев убеден дека ние ќе се пласираме на ЕП. Имав навистина огромна доверба во нашата репрезентација затоа што го гледав и чувствував заедништвото кое владее буквално во секој поединец во федерацијата и во репрезентацијата. Јасно ми е што се се шпекулираше и пред мечот со Косово, но ете се виде дека ништо од тоа не е вистина. Затоа велам да даде Господ и државата да функционира така како што функционира репрезентацијата. Тие живеат и се однесуваат како браќа. Тие се навистина големи професионалци“ – изјави Сејдини.

Првиот човек на ФФМ уште еднаш потенцира дека овој успех е резултат на долгогодишна работа на многу поединци во репрезентацијата и федерацијата кои силно веруваат во пласманот на ЕП.

„Фудбалерите се најзаслужните за пласманот на ЕП, но јасно е дека сето тоа е резултат на долгогодишна макотрпна работа и добро зацртани цели во кои заслужни секако се и медиумите со поддршката која ја даваат цело време, федерацијата која максимално се вложи да се стигна до историскиот успех, но и секое најмало наше детенце кое било пред телевизорите или од трибините изминативе години давало безрезервна, искрена поддршка за репрезентативците. Така верувам дека ќе биде и на Европското првенство следната година“ – вели првиот човек на ФФМ.

Се вчитува...