Мукаетов: Веруваме во Брестовац, да направиме чекор напред…

Данило Брестовац од денеска и официјално е нов селектор на ракометната репрезентација на Македонија, откако стратегот на Металург беше претставен пред јавноста на заедничка прес-конференција со претседателот на РФМ, Живко Мукаетов. Потрагата по наследник на Раул Гонзалес заврши со ангажман на домашен стратег, а изборот падна врз Брестовац, кој во изминатата година беше кормилар и на младинската и на кадетката репрезентација на Македонија.

„За нов селектор на македонската ракометната репрезентација е избран Данило Брестовац. Она што се договоривме со него е неговиот мандат како некоја појдовна основа ќе биде до 30 јуни 2022 година. Идејата е тој да биде задолжен за водење на А-селекцијата и да ги кординиира активностите околу останатите селекции. Со него сме договорени и покрај мојата желба да имаме професионален селектор, тој да се посвети на репрезентацијата до 31 мај 2019 година, за да не ги реметиме клупските обврски кон Металург. Тој ќе ја води и репрезентацијата до 19 години на СП во август, тој неколку години ги води овие млади играчи и затоа логично е тој да ја води оваа млада селекција на претстојниот Мундијал“ – изјави Живко Мукаетов.

Првиот човек на РФМ најави дека во следните месеци ќе бидат именувани нови селектори со стручен штаб за младинските селекции, кои ќе бидат координирани од страна на Брестовац.

„Како прв човек на РФМ можам да кажам дека Брестовац ќе ја има максималната поддршка од нас, се надеваме на проактивност, на вклучување на што повеќе македонска струка која ќе му помага на Данило и сето тоа да ни се врати како нов чекор напред на македонскиот ракомет“ – истакна Мукаетов.

 

Новиот селектор со голем ентузијазам го очекува предизвикот пред него.

„Благодарност до комисијата при РФМ и до претседателот на федерацијата. Мислам дека сум способен да одговорам на оваа функција, сето она зад мене ми дава за право да дојдам до остварување на овој мој професионален сон. Мислам дека комисијата го направи вистинскиот избор, бидејќи сум вистинскиот човек за правење на еден вид на фузија, меѓу оние играчи со кои имам настапувано како играч и оние кои ги селектирав во младинските селекции во изминатиот период“ – истакна Брестовац.

Се вчитува...