Мундијалот е на дофат – Борко, Кире и компанија ја прегазија Романија

Македонските ракометари успешно ја завршија домашната задача и се чекор поблиску до пласман на уште еден ракометен мундијал, вкупно шести, четврти по ред за оваа генерација. Во првиот натпревар од баражот за СП 2019, Македонија на домашен терен во СЦ „Борис Трајковски“ ја победи Романија со 32-24 и со голема резултатска и психолошка предност патува на реваншот што ќе се одигра на 13 јуни во Клуж.

Во шпанското тактичко надмудрување, Раул Гонзалес на македонската клупа го имаше подоброто решение во однос на Чави Пасквал на романската страна. Освен во првите неколку минути, македонските ракометари беа доминантна во поголемиот дел од натпреварот, искусно го диктираа темпото и имаа контрола на играта и на резултатот што на крај им ја донесе и посакуваната победа.

Романците го отворија напреварот со водство од 0-2 и со игра „7 на 6“ во напад. На другата страна Раул Гонзалес стартуваше со стандардната постава во која на десно крило стартна позиција доби Мартин Поповски. По двата неискористени напади на стартот, Кире Лазаров го скрши мразот за 1-2, а потоа македонската репрезентација влезе во препознатливиот ритам. Три одбрани во серија на Борко Ристовски, од вкупните шест во првата четвртина, внесоа дополнителна сигурност кај „црвено-жолтите“ и го скршија темпото на Романците. Избраниците на Чави Пасквал останаа на стратните два гола, цели 12 минути не успеваа да минат покрај македонската однбрана, а Македонија направи фантастични 8-0 и по првата четвртина веќе стигна на +6 (8-2).

По лошата серија без пигодок, Пасквал се откажа од нападот со играч повеќе и бепе принуден брзо да го искористи првиот тајм-аут. Советите од клупата и неколкуте одбрани во серија на Попеску ја вратија Романија во игра. Во наредните пет минути, Македонија реализира само два напади, а гостите постигнаа пет гола и намалија 10-7.

Кире Лазаров беше прецизен во изведувањето на седмерците и ја одржуваше предноста на Македонија во периодот кога Романците го засилија притисокот. Филип Кузмановски го искористи невниманието на противникот, украде топка и погоди од својата половина, а потоа прецизен од својата позиција беше и Филип Миркуловски за ново водство од +6 (14-8).

Грешката во измената му донесе две минути исклучување на романскиот голман Попески, а Македонија ја искористи шансата со игфрач повеќе и со погодокот на Дејан Манасков дојде до највисока преднсот од 15-8 на две минути пред крај на првиот дел. Во финишот на првиот дел, Романците сепак успеаја да ја намалат негативата на 15-8.

Жарко Пешевски со два погодоци во серија го одбележа почетокот на вториот дел во кој продолжи сигурната игра и доминацијата на „црвено-жолтите“. Борко Ристовски не му остави многу простор на својот доскорешен тренер од Барселона да го „изненади“ со романската офанзива. Раул Гонзалес мирно ги држеше конците во свои раце и за десет минути игра во второто полувреме,  Македонија повторно беше на +7 со погодокот на Дејан Манасков за 21-14. Манасков беше прецизен и во следниот напад од седмерец,  Лазаров со шестиот погодок ги „замрзна“ Романците со проектил во свој стил, а Манасков со прекрасен погодок од далечина ја заокружи серијата за првото двоцифрено водство од 24-14 во 42.минута од натпреварот.

Со неколку ротации на бековските позиции, Раул Гонзалес ја одржуваше свежината во тимот и сигурната резултатска предност. Кога одмараа поискуснитебекови, работите во свои раце ги презеде подмладокот – Филип Кузмановски  и Филип Талески погодуваа и не им дозволија на Романците да се приближат.

Романците се обидуваа да спасат што може да се спаси во завршните десетина минути. Но, немаа решение за расположениот Кире Лазаров кој со осмиот погодок  ја заокружи 30-та за Македонија (30-22) на четири минути пред крај и ја завери убедливата победа. Шлаг на победата беше ефектниот цепелин од крило на крило, од Манасков до Георгиевски. И за крај традиционалното проигрување од Кире Лазаров до Стојанче Стоилов и двојната парада на Борко Ристовски.

Капитенот Кире Лазаров стандардно беше најефикасен со осум гола, Дејан Манасков додаде шест гола, а извонредна партија на голот имаше Борко Ристовски со 16 одбрани. Во репрезентацијата на Романија прв стрелец беше Дан Емил Ракотеа со пет гола.

Вториот натпревар од овој бараж дуел ќе се одигра на 13 јуни во Клуж, победникот во двомечот обебзедува место на СП 2019 што ќе се одржи во јануари во Германија и во Данска.

Се вчитува...