Мур донесе бод на Велс против Швајцарија

Велс и Швајцарија ремизираа 1-1 во вториот меч од групата А од ЕВРО 2020, прв натпревар на овој европски шампионат одигран во Баку, Азербејџан.

Швајцарците имаат за што да жалат бидејќи беа подобар противник во голем дел од мечот, но непотребно застанаа откако конечно стигнаа до водечки погодок. Емболо биеше прецизно со глава по корнерот на Шаќири за водство на Швајцарија, а селекторот Петковиќ потоа реши да се повлече менувајќи го Шаќири со Закарија.

Тоа придонесе Велшаните се почесто да се селат во противничкиот шеснаесетник, а по една таква акција Кифер Мур со прецизен удар со глава го матираше голманот Зомер.

Швајцарија пред крајот постигна и втор гол преку „резервистот“ Гаврановиќ, но истиот беше поништен со ВАР поради минимален офсајд, па двете селекции на крајот мораа да се задоволат само со по еден бод на отворањето на европскиот шампионат.

Се вчитува...