Мурињо „даде гол“, па се бранеше… и загуби два бода

Тотенхем загуби бодови на уште еден натпревар на кој „спарси“ први дадоа гол, но потоа скапо ја платија дефанзивната тактика на која инсистира Жозе Мурињо. Овојпат станува збор за лондонското дерби со Фулам на кое „спарси“ беа големи фаворити за триумф, но на крајот мораа да се задоволат само со еден бод.

Хари Кејн го отвори резултатот на асистенција на Регуилон, но наместо да продолжат со доминацијата, домашните фудбалери ја повторија грешката што ја правеа неколку пати сезонава, повлекувајќи се во сопствената половина. Ваквата игра придонесе Фулам да влезе во ритам и да стигне до заслужено израмнување кога Кавалеиро со глава го најде патот до мрежата на Љорис.

Дури по примениот гол „специјалниот“ реши да тргне понапаѓачки, голот на Ламела беше оправдано поништен поради офсајд на Сон, па Тотенхем освои само еден, наместо планираните три бода од овој натпревар.

Се вчитува...