Мурињо му одржа лекција на Саутгејт, па му кажа како треба Англија да игра против Хрватска

Како еден од фаворитите за финале и за трофеј, од Англија се очекува да биде победник во групата Д, во конкуренција на Хрватска, Чешка и на Шкотска, а особено важен за тоа ќе биде првиот натпревар, против Хрватска. Од таа причина, од повеќе страни стигнуваат совети за селекторот Герет Саутгејт, а своето мислење не пропушти да го каже и Жозе Мурињо.

Како аналитичар за радио-каналот „Ток спорт“, Мурињо даде своја анализа за формацијата на Англија и за тоа како треба да се постави против Хрватите. Тој му даде дури точна формација на Саутгејт како да игра и со кои фудбалери и таа е различна од она што англискиот селектор вообичаено го практикува.

„Нападни ја Хрватска“, рече Мурињо и ги издиктира 11-те, за кои тој смета дека треба да се најдат во првиот тим.

На голот Хендерсон, пред него четворица одбранбени во состав Вокер, Стоунс, Мингс и Чилвел. Понатаму формацијата ја сочинуваат двајца деструктивни играчи за врска, Рајс и Филипс, а пред нив офанзивна и креативна тројка зад најистурениот Кејн: Грилиш, Маунт и Фоден.

„За да бидете офанзивни, мора да имате контрола над натпреварот. Како може да бидете офанзивни, ако ја немате топката? Важно е да ја контролирате средината на теренот. Мислам дека треба да се игра со тројца играчи за врска и да се контролира тоа подрачје. Кога имате добар среден ред како Англија, со нападот кој го има, Англија има сè. Герет многу пати се обидуваше со петмина во задниот ред и ако сака повторно така – добро, немам проблем“, се изјасни Мурињо.

Омилената формација на Саутгејт е 3-5-2, а она што го предлага Португалецот е сосема различно, 4-2-3-1.

Се вчитува...