Мустафица пред Работнички: Се надевам дека со успех ќе настапувам и за Пелистер

Второто коло од Првата кошаркарска лига носи интересен натпревар во Битола каде утре со почеток од 18 часот и 30 минути Пелистер ќе го пречека Работнички. Двата тима забележа пораз на отварањето на сезоната па ќе биде интересно да видиме кој тим ќе успее да го поправи впечатокот.

Во центарот на вниманието ќе биде босанскиот интернационалец Недим Мустафица кој во „зелено-белиот“ дрес ќе настапи против неговиот поранешен клуб. Тој дебитираше на нашата сцена во претходната сезона и беше еден од најдобрите играчи на Работнички, но замина од клубот поради финансиски проблеми.

Мустафица очекува добар натпревар и победа, но и повторување на формата од „црвено-белиот“ во „зелено-белиот“ дрес.

„Очекувањата се исти како и во претходната година. Влез во финале на домашното првенство и што повеќе победи во АБА2. Очекувам победа, првиот натпревар лошо го отворивме и изненадно бевме поразени, но сега ќе направиме се за одбрана на домашниот терен. Се надевам дека ќе играм за Пелситер како што играв за Работнички. Во оваа прилика ги повикувам навивачите да ни бидат ветер в грб во сезоната“, изјави Мустафица.

Поправање на впачатокот очекува и Димитар Караџовски кој вели дека повредите влијаеле за формата на клубот, но секој играч ќе даде максимум за прва победа во сезоната.

„Имавме турболентно лето и турболентен почеток со доста повреди и промени, но тоа е што е. Се подготвуваме и генерално знаеме што е екипата на Работнички. Се надевам на прва победа и да тргне работата. Бевме подготвени на почетокот, но трите повреди кои ни се случија ни донесоа отсуство на клучни играчи од ротација и први пет. Ќе биде потешко, но мислам дека секој ќе помогне, ќе дададе максимум и го истераме овој период пред да дојде ново засилување“, вели Караџовски.

Се вчитува...