МЗТ го избрка Хиндс поради непочитување на мак-баскетот

Актуелниот кошаркарски шампион на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром реши да ја прекине соработката со Американецот Џабари Хиндс поради неспортско однесување и омаловажување на клубот и на македонската кошарка во целост. Хиндс не настапи на последното вечно дерби со Работнички, тренерот Кочов тогаш изјави дека одлуката е од тактички причини, за денеска да биде обелоденето дека Американецот добил отказ.

„Плејмејкерот добро ја почна сезоната, но потоа од натпревар во натпревар играше сѐ полошо, за во последниот период да почне да се однесува онака како што не му доликува на еден професионалец. Трпението кулминира со неговото отворено потценување на домашното првенство и гласното негодување секогаш кога требаше да понесе настапи на мечевите од Првата лига. Згора на тоа, Хиндс на последните пет средби на домашна сцена постигна вкупно 20 поени или четири поени во просек, што е само доказ за неговото незалагање на овие натпревари“, се вели во соопштението на клубот од Аеродром. 

Воедно, Металците открија и дека американскиот плејмејкер непрофесионално се однесувал во изминатиот период додека го носеше дресот на МЗТ.

„МЗТ Скопје Аеродром никогаш нема да дозволи индивидуалец да биде пред доброто на целата екипа, особено не кога кога тој не го цени значењето на сино-белиот дрес, во кој многу далеку подобри кошаркари пред него пролеале тони пот и го оставиле срцето на терен. Поради сето ова, заедно со повеќекратното излегување во ноќен провод на ден пред средбите, управата на клубот во договор со стручниот штаб реши да ја прекине соработката со американскиот интернационалец. Веќе се разгледуваат опции околу ангажирање на негова соодветна замена, со цел составот од Аеродром да биде адекватно пополнет за сите позиции за вториот дел од сезоната“, завршуваат од клубот.

Се вчитува...