МЗТ и Работнички собраа 130.000 денари за Стеван Гешовски

Крајниот епилог од хуманитарниот карактер на неодамнешното вечно дерби на МЗТ Скопје Аеродром со Работнички е собрани 130.000 денари кои во најскоро можно време ќе бидат уплатени на сметка за помош на поранешниот капитен, Стеван Гешовски, објави македонскиот првак на својот официјален сајт.

Од продадените 1.205 билети за пресметката меѓу најголемите ривали во македонската кошарка беа инкасирани 120.500 денари додека од кутиите за донирање кои беа поставени на неколку локации во салата „Јане Сандански“ дополнително беа собрани уште 9.000 денари.

Парите наскоро ќе бидат префрлени на сметка на легендатата на македонската кошарка и поранешен репрезентативец на некогашна СФРЈ, кој пред две години доживеа исхемичен мозочен удар. Како последица на тоа, Гешовски има отежнат говор, парализирана десна страна и болки во екстремитетите, за што како најадекватна метода за лекување е терапијата со матични клетки во Русија.

Лекарите веруваат дека со помош на оваа терапија би ги вратиле моторните функции на екстремитетите и на неговиот говор и дека би бил ослободен од константните болки. Терапијата со матични клетки во Москва чини 17.000 евра.

Се вчитува...