МЗТ ја прекина „црната серија“, но остана трет во АБА2-лигата

МЗТ Скопје конечно ја прекина серијата порази во АБА2 лигата откако по голема битка славеше над Ловќен со резултат 75-74. Овој резултат им помогна на „металците“ да не паднат на четвртата позиција, но од друга страна не беше доволен за да се стигне до второто место, кое му припадна на Сплит по вечерашниот трилер-триумф над Широки Бријег од 78-76.

МЗТ Скопје одлично го стартуваше натпреварот, поведувајќи со 7-0, но гостинските кошаркари набрзина се вратија во ритам. Првата четвртина заврши со резултат 27-22, а Ловќен веќе во вториот период успеа да се врати и да поведе со 35-36. „Металците“ на одмор заминаа со еден поен негатива (41-42), а црногорскиот состав со одлична игра во финишот од третата и почетокот од четвртата четвртина поведе со најубедливи осум поени разлика (59-67).

Дамјан Стојановски погоди тројка за да ја запре серијата на Ловќен, веднаш потоа два напади реализираше и Маслинко, па предноста на гостите експресно се стопи. Се влезе во неизвесна завршница, Маслинко погоди за 75-74 на 109 секунди до крајот, за во преостанатиот дел од мечот ниту МЗТ, ниту Ловќен да не постигне ниту еден поен, па оваа реализација на македонскиот репрезентативец да се покаже клучна за прекин на серијата порази на македонскиот првак во регионалното натпреварување.

Дамјан Стојановски со 17 поени беше прв стрелец на „металците“, по 15 постигнаа Магдевски и Милошевиќ, додека десет поени реализираше Маслинко.

МЗТ Скопје го заврши регуларниот дел од сезоната во АБА2 лигата на третото место, па за ривал во полуфиналето од плејофот ќе го има хрватскиот тим, кој ќе ја има предноста на домашен терен во оваа серија.

Се вчитува...