МЗТ потклекна пред Игокеа сред Аеродром, на чекор е до бездната наречена АБА2

МЗТ Скопје загуби на домашен терен од Игокеа со резултат 78-84, катастрофален исход за „металците“ кои бркаа победа за да ги остави во живот во борбата за опстанок, но добија ладен туш непосредно пред клучното гостување против Борац Чачак што на програмата е наредниот викенд. „Металците“ 35 минути играа егал-меч со Игокеа, но потклекнаа кога беше најважно, немаа одговор за Крофорд и на крај за жал со наведнати глави го напуштија теренот.

Дуелот почна со две тројки во серија на Миќовиќ, од далечина погоди и Дамјан Стојановски, па МЗТ по две и пол минути игра поведе со 9-5. Одбраната не беше на посакуваното ниво во почетните пет минути, па Игокеа го имаше првото водство со 12-13, пред Миќовиќ да ја погоди и третата тројка за „металците“. Шутерското шоу на МЗТ Скопје продолжи со тројка на Војдан Стојановски, па гостинскиот тренер беше принуден да побара тајмаут при водство на македонскиот првак од 18-13. Советите на стратегот на Игокеа вродија со плод, оваа екипа набрзина се врати во мечот, успевајќи и да ја заврши стартната четвртина со водство од 24-27. Темпото во нападот опадна кај двата тима во втората четвртина, што повеќе му одговараше на македонскиот претставник, кој од линијата за слободни фрлања преку Вер се врати во водство од 39-38, за благодарение на истиот кошаркар на одмор да замине со водство од минимални 42-41.

Почетните минути од второто полувреме минаа во знакот на тимот на Игокеа, па гостите го свртеа резултатот во своја полза, поведувајќи со 48-52. Одбраната беше на посакуваното ниво и донесе нов пресврт и водство на МЗТ Скопје од 53-52, нашиот шампион не прими поени од игра до крајот на четвртината, а благодарение на расположениот Дастин Вер „металците“ влегоа во последните десет минути со водство од 57-55. Двете екипи беа без поени повеќе од две минути во последната четвртина, но Војдан Стојановски презеде одговорност и донесе водство на МЗТ од 61-57. Сепак, проблемите за „металците“ се појавија откако Игокеа влезе во ритам и со тројката на Јошило поведе со 63-67. Следеа нови два нереализирани напади на македонскиот првак, Игокеа поведе со 63-71, принудувајќи го Николиќ да побара уште еден тајмаут.

Вер погоди за 66-71, прва тројка на МЗТ Скопје во второто полувреме, истиот кошаркар една минута подоцна погоди од далечина за 69-73, но во најлош момент за МЗТ во ритам влезе гостинскиот кошаркар Крофорд, кој стави крај на надежите за камбек. Секоја чест за кошаркарите на МЗТ Скопје кои не се предадоа, па со тројките на Дамјан Стојановски и на Бурсаќ намалија на само два поени негатива на 10 секунди до крајот (од 71-80 на 78-80). Кондиќ, за жал, беше прецизен од двете слободни фрлања ги разреши сите дилеми околу победникот, за нов пораз на аеродромци што значително им ги намалува шансите за опстанок во елитното друштво.

Миќовиќ беше најефикасен во таборот на МЗТ Скопје со 18 поени, 17 постигна Дастин Вер, додека Војдан Стојановски реализираше 10 поени.

МЗТ Скопје во следното коло ќе му гостува на Борац Чачак (сабота, 19 часот), во клучниот натпревар за опстанок во елитното друштво. Српскиот претставник има една победа повеќе, но и меч помалку од МЗТ (утре ќе ја пречекаат Мега), а згора на тоа триумфираа во првиот дел од сезоната во СЦ „Јане Сандански“).

Се вчитува...