МЗТ Скопје останува во живот во битката за опстанок во АБА1 откако македонскиот првак по голема битка го совлада Задар со 84-80. „Металците“ поторно имаа огромни осцилации, од „плус 23“ се доведоа во ситуација во последната минута да се тресат да ја задржат минималната предност, но најважно од се сепак е што бодовите остануваат во Скопје. Со овој резултат, како и со поразот на Борац во Сплит, аеродромци остануваат со теоретски шанси за опстанок.
МЗТ Скопје извонредно го почна мечот, Кефи погоди тројка во првиот напад, а потоа Војдан Стојановски реализираше брзи шест поени погодувајќи три шута кон противничкиот кош. Предноста на аеродромци се зголемуваше, а фантастичен во оваа прва четвртина беше Кефи, кој за помалку од девет минути на теренот успеа да постигне 14 поени. Со поените на Миќовиќ „металците“ стигнаа до првото двоцифрено водство од 27-17, а првата четвртина ја добија со 30-17. Одбраната беше насочена кон затворање на рекетот, па гостите се решаваа за чести удари од далечина, дури 13 во првите десет минути од натпреварот, од кои кошаркарите на Задар погодија само два.
Супериорната игра на МЗТ Скопје продолжи и на стартот од вториот период, откако аеродромци за само неколку минути игра преку Дастин Вер стигнаа до убедливи „плус 21“ (38-17). „Металците“ имаа и најубедливи 23 поени предност (42-19), но Задар влезе во шутерски ритам пред крајот на полувремето, две тројки погоди Дејвис (кој лани настапуваше за МЗТ) и предноста до крајот на полувремето се спушти на 13 поени (52-39).
Македонскиот шампион врза пет поени во низа во раната фаза од третата четвртина, гостинскиот тренер веднаш побара тајмаут, по што Задар се врати во ритам и пред крајот на четвртината ја спушти разликата и под десет, со тројката на Дрежњак намалувајќи на 68-60. Николиќ зеде тајмаут, но Божиќ реализираше два напади во серија и гостите од Хрватска ја завршија третата четвртина со само пет поени негатива (68-63).
Налетот на гостите беше запрен со поените на Бурсаќ и на Кук, со кои МЗТ пвоторно дојде на двоцифрена разлика, поведувајќи со 77-67. МЗТ пак имаше плус 12, но по тајмаутот на гостинскиот тренер следеше нова серија на Задар, па гостите со тројката на Дрежњак дојдоа на само четири поени негатива (79-75) на четири и пол минути до крајот. Миќовиќ погоди тројка во многу важен момент, но Задар не се откажа до самиот крај, намалувајќи на 82-79 на помалку од една минута до крајот. Кефи не погоди, по што Задар имаше и напад за израмнување, утнувајќи тројка по која гостите добија и втора шанса по офанзивен скок. Миќовиќ направи тактичка лична грешка, Чампара ги промаши двете слободни фрлања, но следеше конфузија во рекетот по која гостите стигнаа до нови две слободни фрлања.
Чампара овојпат беше само еднаш прецизен, за намалување на 82-80 на помалку од десет секунди до крајот. Следеше брза лична грешка над Кефи, по што Американецот со две прецизни слободни фрлања стави печат на победата, изразена со конечни 84-80.
Кефи беше главен играч на МЗТ и во оваа победа постигнувајќи 21 поен, Миќовиќ реализираше 15 поени и 11 скокови, додека Кук го заврши мечот со 14 поени зад своето име.
За потсетување, МЗТ Скопје мора да слави на последните две средби, на гостински терен во Сплит и во Аеродром против Цибона, но и Борац да ги загуби своите два натпревари, за „металците“ да побегнат од дното и да се спасат од испаѓање од АБА1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА