МЗТ се врати од „минус“ 19, но Будуќност заминува со победата од Скопје

МЗТ Скопје претрпе нов пораз во АБА лигата откако во 16. коло загуби на домашен терен од Будуќност со 86-90. Гостите од Црна Гора беа подобриот противник во најголемиот дел од мечот, преку добрата одбрана и скоковите во напад го контролираа резултатот, во еден момент имаа и предност од 19 поени, но МЗТ Скопје стигна до изедначување преку одличната игра во последната четвртина. Сепак аеродромци немаа сили за победа во трилер завршницата.

Добрата одбрана на Будуќност не дозволи лесни поени за МЗТ Скопје на отварањето на средбата, а црногорскиот тим преку подобриот проток на топката и офанзивните скокови успеа да го наметне своето темпо па по 10. минути игра имаше предност од 10-20. Сепак како што одминуваше првото полувреме македонскиот шампион успеа да го најде ритамот во нападот, успеа да ја крене реализацијата со четири реализирани обиди за три поени се врати на негатива од еден напад (26-28), но завршницата на четвртина повторно им припадна на гостите кои со агресивната одбрана го запреа нападот на МЗТ Скопје и ја вратија предноста на 32-42.

Гостите продолжија да го диктираат темпото и на отварањето на второто полувреме. Добрата одбрана го лимитираше нападот на домашниот состав, а Будуќност продолжи и да ја контролира скок играта. Офанзивните скокови носеа лесни поени, притоа секој пропуст црногорскиот тим успеа да го казни па дополнително ја зголеми предност на 48-63. Но, и покрај големата негатива која во еден момент изнесуваше и 19 поени, МЗТ Скопје не се предаде. Повторно успеа да го најде ритамот во последните десет минтуи, стигна до поени зад линијата 6,75 и во играта „два на два“ па успеа да го врати и едноцифрениот заостаток. Аеродромци беа одлични и во одбраната, а преку капитенот Стојановски и Абу стигнаа и до серија за изедначување од 76-76. Бел-Хејнс ја врати предноста на Будуќност, а по катастрофалниот напад и обид на Кефи, Грин поентираше за три поени со звукот на сирената за 78-83. Војдан Стојановски три пати го враќаше МЗТ Скопје на негатива од два разлика, но мирната рака на гостите од линијата за слободни фрлања не дозволи изедначуање за црногорска победа во Аеродром.

Со 20 поени лидер на МЗТ Скопје беше Војдан Стојановски, додека дабл-дабл од 19 поени и 10 скока запиша Абдул-Малик Абу. 16 поени и 7 асистенции дополни Вер. Бел-Хејнс го предводеше Будуќност со 22 поени и 6 асистенции.

Се вчитува...