МЗТ Скопје го прославува 55. роденден

Актуелниот кошаркарски првак на Македонија, МЗТ Скопје, денеска го прославува 55. роденден. Миле Меловски е името на првиот претседател, кој на денешен ден пред 55 години го иницираше создавањето на новиот кошаркарски клуб со име Скопје, кој подоцна го доби префиксот МЗТ.

„Сино-белите“ во изминатата деценија доминираат на домашната кошаркарска сцена, освојувајќи бројни трофеи, но главна цел за оваа сезона им е влез во АБА1, нешто што не успеаја да го исполнат во претходните две сезони.

„Денеска го прославуваме 55. роденден на нашиот и ваш МЗТ Скопје Аеродром. Зад нас се пет ипол децении од моментот кога во 1966 година група ентузијасти, предводени од првиот претседател Миле Меловски, решија дека е време за формирање кошаркарски клуб со името Скопје.

Оттогаш, во нашите витрини завршија шест титули во македонската кошаркарска лига во рамките на СФР Југославија, седум шампионски „прстени“ во самостојна Македонија и девет трофеи од Купот на Македонија. Период во кој низ сино-белиот дрес минаа стотици репрезентативци, илјадници кошаркари од сите возрасти, а зад нив секогаш стоела армија верни навивачи.

Пандемијата не ни дозволува да го прославиме јубилејот како што доликува, но веруваме дека во најскоро време заедно со нашите фанови и симпатизери заедно ќе ги „дуваме“ свеќичките на тортата. МЗТ Скопје изминативе децении е синоним за македонската кошарка, со настапи во Еврокупот и АБА-натпреварувањата. И сега, без разлика на „возраста“, продолжуваме со исто темпо и со идентична глад за трофеи“, објави МЗТ Скопје на официјалната страница на фејсбук.

Се вчитува...