МЗТ Скопје го врати Синовец, раскина со Мајсторовиќ

Поразот од вечниот ривал Работнички ги натера челниците на МЗТ Скопје на нови промени во играчкиот кадар пред самата завршница на сезоната. Стефан Синовец е нов кошаркар на актуелниот првак, откако српскиот интернационалец денеска потпиша договор со „металците“, што ќе биде негова четврта авантура во редовите на аеродромци.

Неговиот договор е до крајот на сезоната, а Синовец доаѓа од таборот на Мега Бекамс, каде што во АБА-лигата имаше просек од 9,4 поени, 4,5 скока и 3,1 асистенции. Синовец се очекува да пристигне во Скопје утре рано наутро за да ги заврши сите формалности околу договорот и да може да дебитира на задутрешната пресметка со Кожув во салата „Јане Сандански“.

Од СЦ „Јане Сандански“ си заминува неговиот сонародник Ѓорѓе Мајсторовиќ и тоа со спогодбен раскин на договорот. Тој дојде на почетокот на ноември и одигра 14 средби во регионалното натпреварување со просек од 4,8 поени и 2,7 скока. Српскиот центар пристигна како огромно засилување, но не ги оправда очекувањата на македонскиот првак и сега предвреме си заминува од МЗТ.

Се вчитува...