МЗТ Скопје слави роденден

Кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје денеска го прославува 57. роденден, а главна желба на огромен дел од приврзаниците на аеродромскиот АБА-лигаш дефинитивно ќе биде годинава да се обезбеди опстанок во елитното европско натпреварување.

„Металците“ се промовираа во моќна сила на домашната сцена во изминатите десетина години, со девет титули во последните десет сезони, а нема сомнеж дека аеродромци планираат да се задржат што подолго на тронот на македонската кошаркарска сцена.

„Денеска е ептен убав ден, сино-белото семејство го прославува 57. роденден на нашиот и ваш МЗТ Скопје Аеродром. Зад нас се скоро шест децении од моментот кога во 1966 година група ентузијасти, предводени од првиот претседател Миле Меловски, решија дека е време за формирање кошаркарски клуб со името Скопје.

Оттогаш, во нашите витрини завршија шест титули во македонската лига во рамките на СФР Југославија, девет шампионски „прстени“ во самостојна Македонија и 11 трофеи од Купот на Македонија. Период во кој низ сино-белиот дрес минаа стотици репрезентативци, илјадници кошаркари од сите возрасти, а зад нив секогаш стоела армија верни навивачи.

МЗТ Скопје Аеродром одамна е синоним за македонската кошарка, со настапи во Еврокупот и АБА-натпреварувањата во последната деценија. А тоа, без разлика на „возраста“, ни дава само дополнителен мотив да продолжиме со исто темпо и со идентична глад за трофеи“, објавија „металците“ преку својата официјална страница на фејсбук.

Се вчитува...