МЗТ Скопје слави роденден

Во пресрет на задутрешниот меч против Морнар во Бар, последниот меч сезонава во АБА-лигата, екипата на МЗТ Скопје Аеродром денеска го прославува својот 52. роденден како актуелен шампион и освојувач на Купот на Македонија.

Кошаркарскиот клуб Скопје е формиран на 9 март 1966 година од страна на група ентузијасти предводени од првиот претседател Миле Меловски. Првите чекори се направени на асфалтното игралиште во населбата Автокоманда, каде што веднаш се зачлениле завиден број младинци. За само две години, новиот тим стана член на тогашната Македонска лига во склоп на СФРЈ, а во периодот помеѓу 1970 и 1974 година беше шампион во оваа конкуренција добивајќи право за настап во квалификациите за Втората југословенска лига.

Првиот излез на голема сцена се случи во 1974 година, кога КК Скопје доби право да настапува во Втора лига – Југ. Следуваа добри настапи, па дури и можност да се стигне во Првата лига на СФРЈ која во тоа време беше меѓу најдобрите во Европа, која за жал не беше искористена. Следуваше преселба во републички ранг, па враќање на второлигашката сцена во 1979 година, што беше уште еден доказ за квалитетниот раст на колективот, кој веќе стана примамлив и за спонзорите. Современиот дел од епизодата на клубот почнува во 1984 година кога тогашниот стопанствен гигант „Металски завод Тито“ целосно ја презеде грижата на клубот. На клупата седна легендарниот Лазар Лечиќ, кој со помош на Александар Књазев по само две години го внесе клубот во Првата лига и друштвото на најдобрите во Југославија каде што се остана две сезони.

Со осамостојувањето на Македонија, МЗТ Скопје од првиот момент се етаблира како еден од најдобрите, епитет кој го задржи и надгради до ден денеска. МЗТ Скопје Аеродром сега може да се пофали со шест шампионски титули (2012, 2013, 2014, 2015, 2016, 2017), девет трофеи во Купот на Македонија (1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016 и 2018) како и три во Суперкупот (2004, 2015 и 2016), но и со голем број на репрезентативци во сите возрасни категории.

Се вчитува...