МЗТ Скопје со трилер-победа ја почна 2020 година

МЗТ Скопје триумфално ја отвори новата година откако македонскиот првак славеше со резултат 83-90 на гостувањето против Рогашка во рамките од 14. коло во АБА2 лигата. „Металците“ долго време го контролираа мечот, но во неизвесна завршница на крајот мораа да играат продолженија за да го скршат отпорот на словенечкиот клуб. Со оваа победа МЗТ се зацврсти на второто место на табелата, со еден триумф помалку од лидерот Борац Чачак со кој „металците“ ќе се сретнат во рамките од следното коло.

Рогашка беше подобар тим во воведните минути од натпреварот, набрзина поведе со 11-6, но потоа МЗТ Скопје заигра одлично во одбраната. Во преостанатите шест минути од првата четвртина домаќините постигнаа само уште два поени, па македонскиот првак со тројката на Дамјан Стојановски го заврши овој дел од мечот со солидно водство од 13-20. Словенечкиот состав намали на 17-20, но „металците“ одговорија со шест поени во низа и го одржуваа водството, на одмор заминувајќи со водство од 30-36.

Рогашка опасно се приближи во третата четвртина, најпрвин на 35-36, потоа и на 40-41, но македонскиот состав наоѓаше одговор и успеваше повторно да се одлепи, поведувајќи со 40-49. Словенците немаа намера да се предадат, уште до крајот на четвртината намалија на 49-52, а во последниот период поведоа и со 57-55 со тројката на Вујасиновиќ, по што Ѓорѓи Кочов побара тајмаут. До крајот на мечот се играше израмнето, а двата тима промашија по неколку напади во последните две минути, па победникот мораше да биде решен со продолженија (67-67).

Проблемите во нападот на македонскиот првак продолжија и во дополнителниот период, откако во првите четири минути МЗТ постигна само два поени, па Кочов мораше да повика тајмаут при негатива од 74-69. Советите вродија со плод, Дамјан Стојановски погоди две слободни фрлања, а веднаш потоа Херис биеше прецизно за тројка, израмнувајќи на 74-74 на дваесетина секунди до крајот. Домаќините го промашија нападот за победа, па се премина кон уште пет минути игра на овој супердраматичен натпревар.

Бојан Крстевски го отвори второто продолжение со тројка, прва за него по пет промашувања, со што центарот на МЗТ ја најави серијата од седум поени со која „металците“ си создадоа одлична предност (74-81). Отпорот на домашниот состав конечно беше скршен откако Маслинко постигна три поени за водство од 78-86 на една минута до крајот, по што македонскиот првак заслужено го доби овој натпревар со конечни 83-90.

Најдобар поединец на натпреварот беше Ѓорѓе Милошевиќ, кој оствари дабл-дабл од 30 поени и 11 скокови и беше најаслужен за победата над МЗТ. Двоцифрен ефект кај „металците“ имаа уште и Стојановски со 13, Хиндс со 11 и Херис со 10 постигнати поени.

МЗТ Скопје во следното коло го очекува ново тешко гостување, овојпат во Србија против лидерот на табелата, Борац Чачак.

Се вчитува...