Актуелниот шампион, МЗТ Скопје ја оствари и третата победа во третиот натпревар во кошаркарската Суперлига победувајќи го ТФТ со 70:66.
Кошаркарите на МЗТ Скопје водеа во текот на целиот натпревар, по првата четвртина имаа предност од 15 поени, но во финишот гостите успеаја да ја вратат неизвесноста, но немаа сили да направат целосен пресврт.
Шампионот фуриозно го започна натпреварот, во петтата минута дојде до двоцифрена предност (16:6), а првата четвртина ја завршија со предност од 15 поени (25:10).
Во втората четвртина, „металците“ рутински ја одржуваа предноста и на пауза заминаа со плус 13 (41:28).
И по третата четвртина растојанието меѓу двата тима остана идентично бидејќи периодот заврши 16:16.
Во последната четвртина, кошаркарите на ТФТ во финишот успеаја да се вратат во игра, прво дојдоа до едноцифрена негатива, а на 88 секунди до крајот по тројката на Митревски дојдоа со 67:64.
По тајм-аутот, Војдан Стојановски не реализира по еден шут за три и за два поени, но непрецизни беа и гостите.
Во последните моменти од натпреварот, одговорноста ја презеде Војдан Стојановски кој реализираше едно од двете слободни фрлања за 68:64 на 16 секунди на крајот.
По офанзивниот скок на Стојановски, Сила направи прекршок и го испрати Тадиќ на линијата за слободни фрлања. Кошаркарот на МЗТ Скопје на 13 секунди до крајот ги реализира двете слободни за водство од 70:64 со кои го потврди триумфот на шампионот.
На крајот, мечот заврши со 70:66, за трет триумф на МЗТ Скопје во третиот натпревар, додека ТФТ го доживеа вториот пораз.
ДИмитрије Николиќ со 15 поени го предводеше МЗТ Скопје, каде се истакна и Тадиќ со 12 поени, додека кај ТФТ, Секоу Сила со 19 и 13 скокови беше најдобар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА





















