МЗТ сонува за прва гостинска победа: Би било супер тоа да се случи во Подгорица

 МЗТ Скопје вечерва со почеток во 19 часот во Подгорица ќе му гостува на тимот на Студентски Центар, во обид да стигне до првата гостинска победа сезонава. „Металците“ се далеку од посакуваната форма, на последниот меч на домашната сцена загубија со 19 поени од Гостивар, само неколку дена откако во драматичен финиш загубија од Будуќност во АБА.

Македонскиот првак е убедливо последен на табелата во АБА-лигата, со само две победи сезонава, две помалку во однос на претпоследниот Борац Чачак, а на новиот тренер Драган Николиќ му е јасно дека мора што поскоро да почне да победува, за да не му се случи тотално фијаско.

На спротивната страна, Студентски Центар е седмопласиран на табелата со седум победи и девет порази, но црногорскиот претставник е еден од двата тима што МЗТ сезонава успеа да ги совлада во Аеродром, со 93-79.

„Против себе имаме екипа што втора сезона по ред е можеби најпријатно изненадување во АБА-лигата. Ние се уште немаме победа а гостински терен, а за остварување на целта наречена опстанок ќе ни требаат најмалку два триумфа на терен на противниците. За да го сториме тоа во Подгорица ќе ни треба енергија како што покажавме на мечот со Будуќност. Здравствениот билтен не ни оди во прилог, имаме болни и повредени играчи, но тоа не смее да ни биде алиби. Дуелот со Студентски Центар е огромен тест за моите кошаркари, една од последните шанси да покажат карактер и енергија, каква што досега демонстрираа само како игравме на домашен терен. Мора да го извадат и последниот атом на енергија, да одиграат машки и бескомпромисно иако не играат пред авоите верни навивачи бидејќи веќе немаме право на грешка, и како индивудуалци и како екипа. Само со верба во сопствениот квалитет ќе можеме до посакуваната цел“, изјави Николиќ во пресрет на денешниот меч.

Се вчитува...