МЗТ тоне во дупка без дно: Наместо чудо, ново фијаско во АБА-лигата

МЗТ Скопје останува закован на дното на табелата во АБА-лигата откако „металците“ претрпеа убедлив пораз на гостувањето против Студентски Центар (103-85). Аеродромци најавуваа изненадување и атак на првата гостински победа, но наместо тоа им беше одржана уште една кошаркарска лекција, во која и тактички и играчки беа целосно издоминирани од мотивираниот противник, кој со камата им наплати за поразот во првиот дел од натпреварувањето.

Од самиот почеток стана јасно дека одбраната ќе има проблеми на овој натпревар, откако кошаркарите на Студентски центар со леснотија го наоѓаа патот до кошот. Функционираше ударот од далечина на домашниот тим, во рекетот доминираше Тасиќ, па Црногорците од стартот го контролираа резултатот. МЗТ парираше до 17-15, благодарение на Војдан Стојановски и неговите седум поени, но Војдан заработи и две лични грешки поради кои мораше предвреме да биде повлечен од игра. Американците Вер и Кафи погодија по неколку шутеви, но Студентски на спротивната страна го имаше расположениот Џексон и првата четвртина заврши со убедливо водство на домаќините од 36-28.

Миќовиќ погоди неколку шутеви на стартот од вториот период, но потоа следеше нова серија на црногорскиот состав. Студентски доминираше во рекетот, дури и кога домашните кошаркари промашуваа, со офанзивни скокови си овозможуваа нови поени, за прв пат поведувајќи двоцифрено со 52-42. Немоќниот Николиќ побара тајмаут, но одбраната продолжи да функционира катастрофално, па МЗТ Скопје замина на одмор со убедлива негатива од 62-47.

Вториот дел почна со ефикасна игра на „металците“, кои со тројките на Дамјан Стојановски и на Миќовиќ намалија на едноцифврена разлика (64-55), принудувајќи го домашниот тренер на тајмаут. Мекги се разбуди во најлош момент за македонскиот првак, по него во ритам влегоа и останатите кошаркари на Студентски, па во 28. минута Црногорците поведоа и со преубедливи 83-58. Остатокот од мечот беше само рутина во која домашниот тренер го изротира поголемиот дел од тимот, но успеа да ја задржи убедливата предност, се до конечните 103-85.

„Металците“ во следното коло на домашен терен ќе ја пречекаат Цедевита Олимпија, уште еден дуел со исклучително тежок противник.

Се вчитува...