На чекор до амбисот – мундијалското фијаско на Меси

Лионел Меси се повлече од репрезентацијата, па се врати назад за еден последен обид за атак на трофејот што му недостига, оној мундијалскиот. Од денешна перспектива, подобро и да не го стореше тоа бидејќи ѕвезата на Барселона доживува вистинска бламажа на овој светски шампионат.

Ако против Исланд сите топки одеа на него и можеше да се пофали барем со шутеви кон противничкиот гол, вечерва против Хрватска приказната беше поинаква. „Коцкестите“ поставија фантастична тактика со која успеаја во намерата – да го изолираат Меси и да го направат тотално безопасен кон голот на Суботиќ. Ова беше најочигледно во првото полувреме, во кое Меси имаше само 20 допири со топката, помалку дури и од голманот Кабалјеро (22), а од цела Аргентина повеќе само од Агуеро (седум).

Во второто полувреме тој беше за нијанса поактивен, но бројките се поразителни, вкупно 47 допири со топката, 23 успешни додавања и еден шут. Ако на ова се додаде дека дуелот со Хрватска беше шести мундијалски во низа на кој не успеал да постигне гол (вкупно 675 минути), јасно е за каква криза станува збор.

Допрва, по дуелот Исланд – Нигерија ќе почнеме со конкретни „математики“ што треба да се случи за Аргентина да испадне, а што за да остане дел од мундијалот, но едно е јасно, вака очајни „гаучосите“ не сме ги гледале долго, долго време.

Впрочем, ова е првпат во нивната мундијалска историја да бидат без победа на четири натпревари во низа (по 90 минути игра), а поразот од Хрватска е најубедлив за Аргентина во групната фаза од мундијалите уште од 1958 година.

Селекторот Сампаоли направи катастрофален избор на патници за Русија, а потоа сета своја надеж ја положи во Меси. Само што, асот на Барса не е Бог, туку обичен смртник кој не може сам против сите.

Се вчитува...