На Гасли му се заканува исфрлување од Формула 1

Французинот Пјер Гасли може да стане првиот возач во Формула 1 кој ќе биде исфрлен од натпреварувањето поради премногу казнени бодови, пренесува Ројтерс. Гасли ќе мора да се држи подалеку од проблеми до крајот на годината, откако на трката за Големата награда на Мексико стигна на само два казнени бода од забрана и исфрлување од Формула 1 шампионатот.

Французинот кој на крајот на сезоната ќе премине во Алпин, како замена за Фернандо Алонсо сега има 10 казнени поени на својата лиценца, а со 12 поени во 12 месеци автоматски на сила стапува суспензија.

Во неделата тој доби казна од пет секунди и еден казнен бод на својата лиценца, бидејќи ја напушти патеката и со тоа стекна предност, притоа исфрлувајќи го Ленс Строл. Гасли кој заврши на 11. место изјави дека не му било кажано да ја врати позицијата на Строл и ќе разговара што да направи различно за во иднина да не добива казни.

„Не чувствувам дека сум бил толку опасен во последните 12 месеци и би било штета да добијам казна за тркање поради неколку прекршоци на патеката“, изјави Гасли. 

Се вчитува...