На Кјелце му се случува Вардар – најдобрите играчи пред заминување

Кјелце пред три сезони беше шампион на Европа, но полскиот гигант се соочува со сериозна опасност да му се повтори случајот на Вардар – поради финансиски проблеми да мора значително да го намали буџетот и да ги продаде своите најдобри ракометари. Полските медиуми објавија дека газдата Бертус Сервас побарал сериозна помош од општината во висина од околу еден милион евра, за што одговор ќе добие на состанокот на градските власти на Кјелце закажан за 26 јули.

Негативен одговор би значен речиси сигурно распуштање на голем дел од првотимците, кои би биле достапни веќе во текот на летото за трансфер во други европски гиганти. Според одредени информации и Словенецот Бомбач си заминал откако од него било побарано да остане за помала плата од 25%, по што тој експресно се пресели во Пик Сегед. Сервас се обидува да го пополни буџетот за да може да ги покрие трошоците за наредната сезона, а доколку градот Кјелце не застане зад проектот, речиси невозможно ќе биде тој самиот да ја покрие дупката.

Јурецки веќе има договорен трансфер во Фленсбург за наредната сезона и најверојатно ќе остане, но тоа нема да биде случај со Агинагалце, Душебајев, па дури и Циндриќ, кој летово пристигна од редовите на Вардар, но сериозен интерес за него веќе покажува Раул Гонзалес, кој сака да го доведе во ПСЖ.

Само за потсетување, минатото лето во слична ситуација се најде и Вардар, веднаш по освојувањето на титулата на Ф4 турнирот во Келн. Тоа придонесе Раул Гонзалез уште пред крајот на 2017 година да седне на маса со ПСЖ, Арпад Штербик да се договори со Веспрем, Циндриќ уште тогаш имаше „дил“ со Кјелце, а во меѓувреме трансфери си осигураа и Канелјас, Македа, Марсениќ, Абутовиќ…

Се вчитува...