На МЗТ му треба поддршка на најважниот меч: Слободен влез за натпреварот против Цибона

Раководството на МЗТ Скопје донесе популарна одлука, да ги отвори вратите на СЦ „Јане Сандански“ за петочниот дуел против Цибона во последното коло од АБА-лигата.

Математиката е јасна, МЗТ мора да слави на овој натпревар, а доколку и Борац загуби на гостувањето против Будуќност, тоа ќе значи дека македонскиот првак ќе ја заврши сезоната на претпоследното место и нема автоматски да испадне од АБА1, туку ќе игра бараж со второпласираниот тим од АБА2. Јасно е дека на избраниците на тренерот Николиќ ќе им биде неопходна голема поддршка од трибините, поради што МЗТ Скопје реши да не наплаќа влез во салата за овој натпревар.

Нашите момци в петок (14 април), против KK Cibona (18 часот) го играат последниот меч од регуларниот дел од сезоната во АБА, во кој победата е задолжителна за да останеме во игра за опстанок во јадранската елита. За такво нешто ќе ни биде потребна вашата помош од трибините. Ова е идеална можност да покажеме колку е голема симбиозата помеѓу Аеродром и KK MZT Skopje Aerodrom, но и колку останатиот дел од градот и од Македонија верува и ужива во настапите на сино-белите кошаркари. Затоа, на Велики петок сите патишта нека водат кон „Јане Сандански“. Трибините нека бидат исполнети до крај и нека ечи песната на нашите навивачи. Заедно секогаш сме посилни, а сплотени секогаш победуваме! Ова нека биде спектакл во предвечерјето на големиот празник Велигден, голем хепенинг со заедничка радост на крајот. ВЛЕЗОТ Е БЕСПЛАТЕН“, објавија „металците“.

Се вчитува...