На МЗТ, ваучерскиот систем му е ТОП

Кошаркарскиот првак на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром, е исклучително задоволен од функционирањето на ваучер системот кој го спроведува државата преку Агенцијата за млади и спорт, а служи за спонзорирање во спортот преку даночни олеснувања. Сумата која ја доби оваа година МЗТ е поголема во однос на лани, а тимот од Аеродром е на третото место според висината на вредноста на ваучерот меѓу клубовите, веднаш зад европскиот шампион Вардар и зад Еурофарм Пелистер.

„МЗТ Скопје Аеродром не би бил тоа што е, а тоа е најдоминантен тим кај нас и синоним за македонската клупска кошарка на европска сцена во изминатава деценија, кога покрај критиките на одредени проблеми во спортот и на законските решенија во него, не искаже и пофалби за тоа што е добро во спортското функционирање во државата.

Нашиот клуб максимално го поддржува ваучерскиот систем преку кој државата со големи средства му дава поддршка на македонскиот спорт, а со тоа и директно допринесува за сопствената промоција со оглед што спортистите биле и секогаш ќе бидат најголемите амбасадори на земјата во која и за која настапуваат. Првпат некој на адекватен начин и со средства со кои навистина може да се направи добар резултат ги помогна спортистите и им овозможи да тренираат и да се натпреваруваат во подобри услови, што автоматски значи и зголемување на нивните амбиции.

Сумата од 10 милиони евра, кои веќе втора година по ред директно се инјектира во македонскиот спорт преку Законот за таканаречениот „Спортски ваучер“, е нешто што е за поздравување и искрено се надеваме дека наскоро таа може да достигне и до 15 милиони евра, што, според нас, ќе придонесе уште посветла иднина на македонскиот спорт во целост.

МЗТ Скопје Аеродром според овој систем минатата година доби 14,5 милиони денари, додека оваа сума за 2020 година е уште поголема и изнесува 15,8 милиони денари, што е огромна помош за нас во обидот достојно да ја претставуваме Македонија на просторот на поранешна СФР Југославија. Нашиот втор тим, пак, на ланските скоро два милиони денари годинава доби 4,9 милиони денари, со кои и ќе продолжиме да го надградуваме овој проект за развој на младинската кошарка и на давањето вистинска шанса на талентите од целата држава. Со овие средства, државата ни дава огромна помош за да опстоиме во интенциите да направиме младинска школа со која таа ќе се гордее и која ќе им конкурира на најдобрите на целиот Балкан. Настапот на нашата јуниорска екипа на неодамнешното првенство на АБА, каде што добивме само пофалби од најдобрите на Јадранот е само доказ дека сме на вистински пат.

Поради сето ова, сигурно сме дека луѓето кои стојат позади овие законски решенија и позади нивното имплементирање се на вистинскиот пат и веруваме дека во иднина ќе направат сѐ тие да бидат уште подобри, пред сѐ во интересот на спортистите кои се амбасадорите, но и светлата иднина на нашата држава“ – стои во соопштението од МЗТ.

Се вчитува...