На Пике му здодеа пензијата – му се враќа на фудбалот

Жерар Пике на почетокот од месец ноември ја заврши својата кариера, објавувајќи дека го раскинува договорот со Барселона и повеќе нема активно да игра фудбал. Тогаш тој најави дека Барселона дефинитивно ќе му биде последен клуб во кариерата, но само два месеци подоцна, шпанската фудбалска легенда го промени ставот.

Последните информации од Шпанија говорат дека Жерар Пике е подготвен за камбек на фудбалот, и тоа во дресот на второлигашот Андора, клуб чиј сопственик е самиот тој. Дефанзивецот веќе разговарал со тренерот и со останатите членови на управата, начелно договарајќи ги условите под кои би играл за својот клуб, како што тоа го прави кошаркарот Марк Гасол во Џирона.

Има само еден проблем – вакви трансфери на ветерани се многу полесни во кошарката отколку во фудбалот, поради лимитот на плати наметнат од Ла Лига. Тоа што Пике е подготвен да игра и бесплатно нема никакво значење, бидејќи за да се спречат вакви работи е формирана комисија од тројца поранешни фудбалери, кои ја утврдуваат минималната плата што ваквите звучни имиња и ветерани треба да ја земаат согласно договорот што ќе го потпишат со новиот клуб. Пике требаше да земе дури 20 милиони евра во последната сезона во Барса, но дури и доколку биде решено во Андора да земе десет пати помала плата, клубот во моментов нема простор од два милиони евра во буџетот.

Шпанците објаснуваат дека и тоа е решливо, со зголемување на капиталот, но станува збор за процес кој ќе трае најмалку дваесетина дена. Останува да се види дали Пике е толку цврсто решен да се врати, или ќе се премисли и ќе остане само сопственик на Андора.

Се вчитува...