На ред езерската пресметка во ПМФЛ: Воска Спорт ја пречекува Струга ТЛ

Денеска се игра заостанатиот натпревар од 4. коло во ПМФЛ помеѓу Воска Спорт и Струга ТЛ. Поради европските обврски на шампионот, мечот беше одложен, па дојде на ред да се игра сега, и после долги години првпат има фудбалско езерско дерби во Првата лига.

И додека за Воска Спорт е важно да го добие овој меч за да избега од опасната зона, за Струга ТЛ со победа од овој меч се искачува кон врвот на табелата и тргннува во одбрана на трофејот. Стружани имаат дури два меча помалку од лидерот Шкендија и пет бодови заостанување.

Играчот на Воска, Валентин Кочоски изјави дека ова ќе биде за него чуден меч, со оглед дека до скоро беше дел од Струга ТЛ, а сега се пресели на другата страна на Охридското езеро.

„Специјален меч за мене, бев дел од Струга ТЛ и ќе ми биде чудно да играм против моите некогашни соиграчи. Но, затоа е фудбалот интересен и затоа ќе се обидам да ги победам денеска“, изјави Валентин Кочоски.

Заморот од тешките натпревари во Европа и во ПМФЛ е главниот проблем за Струга ТЛ, но шампионот најавува атак на три бода и од денешниот меч.

„Заморот е присутен во тимот, но позитивните резултати секогаш не тераат да го дадеме максимумот и многу да веруваме во себе. Така ќе биде и на мечот со Воска спорт, нова екипа во Првата лига. И покрај квалитетите кои ги поседува противничката екипа, верувам во мојот тим, па верувам дека ќе бидеме први победници во ова езерско дерби“, изјави Бесарт Кривањева, дефанзивецот на Струга ТЛ.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...