На Зидан му се заканува судбината на Бенитез, Лопетеги…

Зинедин Зидан е свесен дека неуспех на денешното дерби може да означи и крај на неговата авантура како тренер на Реал Мадрид. Французинот мора експресно да најде лек за кризата во таборот на „кралевите“ за да не го снајде судбината на голем број негови претходници на клупата на Реал, кои веднап по поразите од Барселона добиле отказ од тренерската функција на најтрофејниот европски клуб.

Ако се навратиме само на последните две децениии, првиот на кого му пресудило „Ел Класико“ бил Португалецот Карлос Квеирош. Португалецот пред крајот на сезоната 2003/04 загуби во финалето од Копа дел реј од Сарагоса, потоа беше елиминиран од ЛШ од Монако, па во најлош можен момент дојде дербито на „Бернабеу“ против Барселона. Каталонците ја искористија кризата на лутиот ривал и со головите на Клајверт и на Чави стигнаа до победата, по што Квеирош доби отказ од функцијата.

Вандерли Луксембурго е уште еден стратег на Реал кому му пресудила Барселона, на дербито на 19 ноември 2005 година на кое блесна Роналдињо. Бразилецот постигна два гола, а мечот остана запаметен во историјата по овациите што Роналдињо ги доби од навивачите на Реал на „Сантијаго Бернабеу“, како најголемо признание за еден фудбалер на Барселона. Два дена подоцна, Луксембурго доби отказ.

Бернд Шустер е еден од ретките тренери на Реал што добиле отказ пред вечното дерби. Германецот загуби од Севилја со 3-4, а потоа изјави „Ми делува невозможно дека можеме да ја победиме Барса в сабота на Камп Ноу“. Управата беше разочарана од ваквиот став и веднаш му додели отказ.

Последните тројца тренери на кои пресудни им биле „Ел Класико“ дуелите се Бенитез, Лопетеги и Солари. Рафа Бенитез дојде во Реал на местото на Карло Анчелоти, но не се прослави како предводник на „кралевите“. Неговиот обид да наметне челична дисциплина се покажа како апсолутно фијаско, па по поразот од 0-4 на „Бернабеу“ од Барса, отказот беше неминовен. На негово место Флорентино Перез го донесе Зидан, кој освои девет трофеи (три во низа во Лигата на Шампионите).

Сепак, кога Зизу реши да си замине во мај 2018 година, Флорентино го донесе шпанскиот селектор Лопетеги, кој беше отпуштен непосредно пред почетокот на СП 2018. Овој стручњак воопшто не се прослави во Реал, па во октомври истата година доби отказ откако беше демолиран со 5-1 на „Камп Ноу“. На негово место дојде Солари, кој беше елиминиран од Барса во Копа дел реј, потоа загуби од лутиот ривал и во Ла Лига, за само неколку дена подоцна, по елиминацијата од Ајакс во ЛШ да добие отказ од функцијата.

На местото на Солари на клупата се врати Зидан, кој лани ја освои титулата во Ла Лига, но добро познато е дека во Реал не се живее од „стара слава“, а притисокот е огромен на секој натпревар. Најголем дефинитивно кога се игра „Ел Класико“, а Зидан ќе влезе во денешниот дуел со желба за победа поголема од било кога досега, за да не го снајде судбината на неговите претходници.

Се вчитува...