Надал експресно до четвртфиналето во Барселона

Првиот светски рекет, Шпанецот  Рафаел Надал, во два сета со 6-1 и 6-3, го победи својот сонародник Гиљермо Гарсија-Лопес и обезбеди пласман во четвртфиналето на турнирот од Серија 500 во Барселона.

На „кралот на земјените терени“ му беа потребни само 80 минути за место во четвртфиналната рунда. Во дуелот со Гарсија-Лопес, Надал направи пет брејк-поени, а загуби само еден гејм на свој сервис.

Надал сега има освоено 40 сетови по ред на земја што е нов рекорд во Опен ерата.

Во четвртфиналето, противник на најдобриот тенисер во светот ќе му биде Мартин Клижан. Словачкиот тенисер кој на стартот го елиминира Новак Ѓоковиќ, во осминафиналето славеше против Фелисијано Лопес со 6-1, 6-4.

Турнирот во Барселона се игра за награден фонд од 2.5 милиони евра, Надал е прв носител и бранител на титулата.

Се вчитува...