Надал горд: Посебно е чувството да се вратиш на врвот

Веќе нема никакви дилеми, Рафаел Надал од следниот понеделник повторно ќе биде на врвот на АТП-листата, по повеќе од три години пауза откако Шпанецот последен пат важеше за прворангиран светски тенисер. Хроничните повреди на колената во последните години придонесоа да се појават сомнежи дека Рафа ќе може повторно да игра на највисоко ниво, но тој ги израдува своите фанови со одлични игри годинава. Неколку загубени финалиња, надополнети со очекуваната доминација на земјена подлога (трофеи во Барселона, Монте Карло, Мадрид и Ролан Гарос) и зачинети со слабите резултати на Енди Мареј придонесоа токму Надал да го наследи Британецот на чело на АТП-листата.

Секако дека сум среќен, иако не сакав да дојдам до врвот така што Федерер нема да игра во Синсинати. Како и да е, чувството е посебно бидејќи знам дека на моменти никој, па дури ни јас, не веруваше дека можам пак да дојдам до првото место. Сепак, напорната работа даде резултат. Многу работи се променети од последниот пат кога бев број 1, но едно е исто – мојата љубов и страста кон тенисот, токму тоа е и главната причина поради која сум овде, не откажувајќи се по проблемите со повредите“ – истакна Надал.

Шпанецот е прв носител на турнирот во Синсинати, каде во второто коло ќе се сретне со Ришар Гаске од Франција.

Се вчитува...