Надал на колена: Алкараз посилен од повредата, си закажа дуел со Новак Ѓоковиќ

Карлос Алкараз уште еднаш покажа зошто важи за ново „чудо од дете“ во светскиот тенис откако славеше во шпанската пресметка со Рафаел Надал во четвртфиналето од Мастерс-турнирот во Мадрид. Тој одигра феноменален меч во кој на патот не му застана ниту незгодната повреда што ја заработи на стартот од вториот сет, успевајќи да се врати во ритам и да се пласира во полуфиналето, каде го очекува мега-дуел со првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ.

Првиот сет мина во апсолутна доминација на Алкараз, Надал не успеваше да се снајде при налетите на помладиот шпански тенисер, кој славеше со лесни 6-2. Ситуацијата се промени на стартот од вториот сет, откако во последниот поен од третиот гејм Алкараз падна и го повреди зглобот, по што мораше да му биде укажана лекарска помош. Надал знаеше како да ја искористи болката што ја чувствуваше противникот, почна да доминира и го доби вториот сет со 1-6.

Многумина очекуваа Надал рутински да го добие и решавачкиот сет, но се случи сосема спротивното. Новата лекарска помош за Алкараз го крена суперталентираниот Шпанец, кој успеа да се врати во ритам, стигна до брејк и славеше со конечни 6-3.

Се вчитува...