Надал паузира најмалку еден месец, неизвесен и за Ролан Гарос

Рафаел Надал се пожали на повреда по поразот во финалето во Индијан Велс, а веднаш по враќањето во татковината деталните лекарски прегледи потврдија дека шпанскиот тенисер навистина се соочува со сериозен проблем. Имено, утврдено е дека Надал има незгодна скршеница и ќе мора целосно да мирува во наредните четири до шест седмици.

Ова практично значи дека Надал дефинитивно ќе ги пропушти турнирите во Монте Карло и во Барселона, неизвесно е далеку ќе биде „фит“ за турнирот во Мадрид на почетокот на месец мај, а доколку дојде до компликации лесно може да се случи Надал да не може да настапи на неговиот омилен гранслем турнир, Ролан Гарос, кој е закажан за од 22 мај до 5 јуни во Париз.

„Искрено сум разочаран, не очекував ваква вест. Тажен сум бидејќи имав одличен старт на сезоната и се надевав на продолжение на добрите резултати. Сепак, секогаш со својот боречки темперамент сум ги надминувал проблемите, така ќе биде и овојпат. Во моментов сум фокусиран само на целосна рехабилитација од повредата“, истакна Надал.

Се вчитува...