Надал со рецептот на Ѓоковиќ – отиде во тоалет, а на теренот се врати „друг човек“

Рафаел Надал прокоцка предност од 2-0 во сетови против Шаповалов, а откако ривалот од Канада се врати и израмни на 2-2, шпанскиот ветеран реши да побара пауза за тоалет.

Нешто подоцна тој побара и медицински тајмаут, по што собра сили, направи брејк и го доби решавачкиот сет, обезбедувајќи пласман во полуфиналето на Австралија Опен.

„Не знам како се вратив, исцрпен сум, немам веќе 21 година. Имав болки во стомакот, морав да заминам во соблекувална за да си го измерам крвниот притисок. Имав среќа бидејќи сервисот добро ме служеше кога беше најважно. Тоа беше клучно, затоа што не можев да ги издржам долгите размени на удари како вообичаено“, истакна Надал.

Случката потсети на последното финале на Ролан Гарос, кога Новак Ѓоковиќ замина на тоалет – пауза среде мечот со Циципас, на крајот успевајќи да го сврти мечот во своја полза и да се закити со трофејот.

Циципас по мечот на шега изјави дека „од тоалетот излегол друг човек“, а Новак одговори дека „таму се кријат неговите ангели чувари“.

Се вчитува...